Најголемиот мигрантски камп во Грција, пренатрупаната Морија на островот Лезбос, изгоре во пожар, при што илјадници луѓе се евакуирани. Нема информации дека има сериозно повредени, но заменик гувернерот на Лезбос Арис Хацикомнис изјави дека кампот е целосно уништен.
Морија беше дом на речиси 13.000 луѓе, четири пати повеќе од предвидениот капацитет. На островот имаше протести против воведените коронамерки, но не е потврдено дека тие се причината за пожарот. Кампот беше ставен во карантин минатата недела, откако еден мигрант имаше позитивен тест за коронавирус. Бројот на потврдени случаи во меѓувреме порасна на 35.
Еден локален жител изјави дека пожарот го зафатил речиси целиот камп.
„Тешко е да се каже што го предизвикало пожарот. Ова беше временска бомба што конечно експлодираше. Луѓето со години беа чувани во кампот во нехумани услови“, изјави Марко Сандроне, координаторот на организацијата „Лекари без граници“ на Лезбос.
Владата кажа дека пожарот најверојатно е подметнат и дека на целиот остров ќе биде прогласена вонредна состојба.