НАЈМАЛКУ 115 МРТВИ ВО ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД КАЈ МОСКВА, 28 ТЕЛА ПРОНАЈДЕНИ ВО ЕДЕН ТОАЛЕТ ВО САЛАТА

    НАЈМАЛКУ 115 МРТВИ ВО ТЕРОРИСТИЧКИОТ НАПАД КАЈ МОСКВА, 28 ТЕЛА ПРОНАЈДЕНИ ВО ЕДЕН ТОАЛЕТ ВО САЛАТАВластите кажаа дека жртвите починале од куршуми или од задушување со чад (Фото: АП)

    Гувернерот на регионот Москва, Андреј Воробјов, изјави дека бројот на жртвите на вчерашниот терористички напад во концертната сала „Крокус“ во предградие на Москва би можел да порасне значително зашто и натаму се пронаоѓаат тела под урнатините. Досега е потврдено дека загинале 115 луѓе, а ранети се повеќе од 140, од кои 16 се во „екстремно сериозна состојба“, а 44 во „сериозна состојба“. Вкупно беа хоспитализирани 107 луѓе.

    Властите кажаа дека жртвите починале од куршуми или од задушување со чад, откако напаѓачите истуриле бензин во салата, предизвикувајќи голем пожар. Телеграм каналот „База“ објави дека 28 тела се пронајдени во еден тоалет во салата, додавајќи дека жртвите се криеле од пукањето, за потоа да починат од задушување.

    Иако Исламска држава ја презеде одговорноста, тврдејќи дека напаѓачите успеале да избегаат, Русија почна да ја поврзува Украина со нападот. Федералната служба за безбедност кажа дека четворицата напаѓачи биле уапсени кога се обидувале да ја преминат руско-украинската граница и дека имале контакти на украинската страна. Тие се префрлени во Москва и се утврдува идентитетот на нивните помагачи.

    Сега знаеме во која држава тие копилиња планирале да се сокријат – Украина“, изјави портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова.

    Рускиот пратеник Александар Хиништејн кажа дека напаѓачите избегале со возило „рено“ кое полицијата го забележала во пограничниот регион Брјанск. Откако биле уапсени, во возилото биле пронајдени оружје и пасоши на Таџикистан.

    Украина уште синоќа негираше секаква поврзаност со нападот, а последните обвинувања од Москва ги опиша како апсурдни.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира