Најмалку 12 лица загинаа, а седуммина се ранети откако руски дрон погоди автобус кој превезувал рудари во украинската област Днипропетровск. Нападот се случил во павлоградскиот округ, на околу 65 километри од линијата на фронтот. Од најголемата приватна енергетска компанија во земјата, ДТЕК, соопштија дека настраданите биле нивни вработени кои се враќале од работа по завршување на смената.
Началникот на регионалната воена администрација, Олександар Ганџа, изјави дека во напади со дронови во текот на ноќта во Днипро загинале маж и жена, а во областа Запорожје бил погоден породилен оддел во болница, каде се повредени седум лица.
Овие инциденти се случија на денот кога истекува рокот за еднострано намалување на руските напади, што претходно го најави американскиот претседател Доналд Трамп. Тој минатата недела изјави дека Владимир Путин се согласил да ги прекине нападите врз Киев и другите градови за време на студениот бран, иако Кремљ официјално не го потврди ваквиот договор.
Во меѓувреме, украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека втората рунда преговори меѓу претставници на Русија, Украина и САД ќе започне в среда во Абу Даби. Претходно, еден од блиските соработници на Путин, Кирил Дмитриев, одржа ненадејни средби со американски функционери во Флорида без присуство на украинската страна. На овие разговори учествувале советници на Трамп, меѓу кои и неговиот зет Џаред Кушнер.
Иако американската администрација тврди дека е блиску до постигнување договор за крај на војната, Москва и Киев сè уште се далеку од компромис за територијалните прашања. Русија бара целосна контрола врз источниот регион Доњецк како дел од секое идно решение, додека Украина смета дека отстапувањето територии само ќе ја охрабри Русија за нови воени дејствија во иднина.



