Бројот на загинати во синоќешните моќни земјотреси во Венецуела порасна на најмалку 164, објави претседателката Делси Родригес, додека се стравува дека има илјадници мртви.
Обемот на штетите и жртвите е нејасен и 12 часа по земјотресите со јачина од 7,2 и 7,5 степени според Рихтеровата скала, кои се случија околу 18 часот по локално време во рок од една минута. Ова се најсилните земјотреси во земјата од 1900 година, објави Американскиот геолошки институт, кој веднаш процени дека би можело да има илјадници загинати.
Родригес кажа дека најтешко погодена е областа Ла Гваира, северно од Каракас, каде што се урнале десетици станбени згради и хотел. Главниот аеродром во земјата е оштетен и затворен. Многумина Венецуелци биле дома, бидејќи среда беше државен празник во чест на битка од војната за независност против Шпанија.
„Проценките на штетите се прелиминарни, а целосното влијание врз луѓето сè уште не е познато. Силните афтершокови претставуваат дополнителен ризик за погодените заедници и за тимовите што реагираат“, објави Црвен крст на Венецуела.
Министерот за внатрешни работи Диосдадо Кабељо ги повика луѓето да останат надвор бидејќи последователните потреси би можеле дополнително да ги оштетат објектите.
Родригес прогласи вонредна состојба и рече дека владата создава фонд од 200 милиони долари за реконструкција на болниците и домовите оштетени од земјотресите. Понуди за помош пристигнуваат од земји од целиот свет.



