НАЈМАЛКУ 19 ЗАГИНАТИ ВО ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД НА КОНЦЕРТ НА АРИЈАНА ГРАНДЕ ВО МАНЧЕСТЕР

    НАЈМАЛКУ 19 ЗАГИНАТИ ВО ТЕРОРИСТИЧКИ НАПАД НА КОНЦЕРТ НА АРИЈАНА ГРАНДЕ ВО МАНЧЕСТЕРВладата го третира настанот како „ужасен терористички напад“, а според американски разузнавачки извори станува збор за бомбаш самоубиец, но британските власти не ја потврдија оваа информација (Фото: Ројтерс)

    Најмалку 19 луѓе загинаа и околу 50 се повредени во експлозија веднаш по концертот на американската пејачка Аријана Гранде во Манчестер, потврди британската полиција. Според американски разузнавачки извори станува збор за бомбаш самоубиец, но британските власти не ја потврдија оваа информација.

    Портпаролот на дискографската куќа на Аријана Гранде изјави дека пејачката не е повредена.

    Премиерката Тереза Меј закажа итна седница на Владата. Портпаролот на премиерката изјави дека Владата го третира настанот како „ужасен терористички напад’.

    „Досега, има потврда за 19 загинати, а 50 други се повредени. Ова во моментов се третира како терористички инцидент сè додека полицијата не утврди поинаку“, соопшти манчестерската полиција околу 4 часот изутрината.

    Експлозијата се случила околу 22.30 часот во фоајето на „Манчестер арена“, каде што се одржуваше концертот. Тоа е најголемата затворена сала во Европа со капацитет од 21.000 седишта. На концертот најмногубројни биле млади луѓе бидејќи Аријана Гранде е голема ѕвезда меѓу тинејџерите.

    Во Велика Британија во тек е предизборна кампања за предвремените парламентарни избори закажани за 8 јуни.

     

     

     

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари