Користејќи запаливи бомби и импровизирани експлозивни направи, напаѓачи удрија по неколку популарни туристички одморалишта и плажи во Тајланд во еден од најголемите напади откако беше изведен воен удар во земјата пред две години.
Најмалку четири луѓе загинаа, а има и десетици повредени, вклучувајќи 11 странци. Засега не е јасно кој стои зад нападите што се случија по успешниот референдум за новиот устав, одржан минатиот викенд со кој моќта на војската се зголемува.
Нападите се случија јужно од Бангкок и неколку од експлозиите, вклучувајќи една на плажата Патонг и четири во одморалиштето Хуа Хин, изгледаа како да се наменети да удрат по туристичката индустрија, која придонесува со витални приходи за власта.
Полицијата соопшти дека експлозиите предизвикале пожари на пазари и продавници во шест града: Фукет, Транг, Сурат Тани, Фанг Нга и Ао Нанг.
Економијата на Тајланд е во стагнација, откако војската ја презеде власта во 2014 година, но туризмот остана една од светлите точки со 30 милиони посетители минатата година и 14 милиони во првите пет месеци од годинава.
Странските влади, вклучувајќи ги САД, ги предупредија своите граѓани да внимаваат и да ги избегнуваат погодените подрачја. Полицијата кажа дека четворица од повредените туристи се од Германија, двајца се од Италија и еден е од Австрија. Холандија соопшти дека четворица нејзини државјани се, исто така, повредени.
„Се уште не е јасно кој стои зад овие напади”, кажа германскиот министер за надворешни работи Франк-Валтер Штајнмаер во соопштение.
„Но, една работа е јасна: ниту една политичка цел не оправдува насилство и напади на невини луѓе”.
Тајландската полиција соопшти дека е прерано да се извлекуваат заклучоци, но дека бомбашките напади следат слична шема, користена во јужниот дел од земјата, што е алузија на бунтовниците од исламскиот југ, кои водат борба против властите веќе една деценија, во која загинаа над 5.000 луѓе.