Шпанската влада прогласи три дена национална жалост откако најмалку 72 луѓе загинаа во поплавите кои погодија неколку региони во земјата. Властите изјавија дека засега не може да се каже точно колку луѓе се исчезнати.
„Се соочуваме со многу тешка ситуација. Ова е катастрофа. На терен се распоредени повеќе од илјада војници додека се справуваме со овој досега невиден феномен“, изјави министерот за територијални политики Анхел Виктор Торес.
Метеоролозите кажаа дека во делови на регионот Валенсија наврнало годишно количество дожд за само осум часа, поради што се поплавени патишта, земјоделски површини и цели градови. Снимки направени од хеликоптер покажуваат урнати мостови, како и автомобили и камиони натрупани едни врз други на автопат близу градот Валенсија.
Премиерот Педро Санчес вети дека уништената инфраструктура ќе биде целосно обновена. Железничкиот сообраќај меѓу Мадрид и Барселона е запрен.
Според метеоролозите, силните дождови во Валенсија ќе прекинат денеска, но затоа е издадено предупредување за делови на Каталонија и Андалузија.
„Првото предупредување за поплава го примивме половина час пред да надојде водата. Сцените беа како визија на пеколот. Целиот град е поплавен“, кажа Консуело Тарасон, градоначалничката на Орно де Алседо во регионот Валенсија.