Најмалку 920 луѓе загинаа, а стотици се повредени во земјотресот што утрово го погоди Авганистан, објавија талибанските власти.
Епицентар бил околу 44 километри од североисточниот град Кост, а тресењето се почувствувало и во Пакистан и Индија, како и 500 километри низ Авганистан, објави Европскиот медитерански сеизмолошки центар. Земјотресот имал магнитуда од 6,1 степен според Рихтерова скала и се случил во раните утрински часови кога многумина спиеле.
Талибанскиот лидер Хибатула Акунџада изјави дека стотици куќи се уништени, а бројот на жртвите ќе расте. Ова е најсмртоносниот земјотрес во земјата во изминатите две децении.
„Најмалку 920 луѓе загинале, а над 600 се повредени“, кажа министерот за управување со катастрофи Шарафудин Муслим.
Најголемиот број жртви е во два округа од источната провинција Пактика, а мали оштетувања имало и во Пакистан.
Земјотресите во Авганистан, кој се наоѓа во тектонски активен регион, често предизвикуваат големи штети бидејќи во многу рурални средини се живее во нестабилни или лошо изградени куќи.