Најмалку две лица загинаа, вклучувајќи еден од напаѓачите, во пукањето што вечерва се случи во центарот на Виена, што австрискиот канцелар Себастијан Курц го опиша како терористички напад. Министерот за внатрешни работи Карл Нехамер изјави дека полицијата сѐ уште трага по потенцијални терористи.
Според полицијата, првите истрели биле испукани во 20 часот во прометна улица во центарот на градот, а пукања имало на шест различни локации. Нехамер кажа дека сите локации се во непосредна близина на улицата во која што се наоѓа централната синагога, во која во тој период немало луѓе. Полицијата засега не е сигурна колку напаѓачи учествувале во пукањето, ниту што е мотивот, но додаде дека ловот по нив не е ограничен само на Виена. Голема област од централна Виена е окружена од полицијата.
„Можам да потврдам дека веруваме дека станува збор за терористички напад. Веруваме дека има неколкумина напаѓачи. Тие се тешко вооружени и опасни. За жал, неколку луѓе се повредени, можеби и убиени“, изјави Нехамер.
Портпаролот на амбулантната служба на Виена, Даниел Мелхер, изјави дека има повеќе мртви, без да прецизира бројка.
ОРФ објави дека 15 луѓе се примени во болница, од кои седуммина се во сериозна состојба. Досега е потврдено дека се убиени еден цивил и еден напаѓач.