Американските разузнавачки служби кажаа дека неуспешниот напад со дронови врз аеродромот Лајпциг-Хале летоска бил еден од првите потези во засилената кампања на саботажи и тајни дејствија против земјите од НАТО, која била директно наредена од Владимир Путин, изјавија за „Вол стрит џурнал“ европски претставници запознати со наодите. Своја улога во операцијата имала и Србија како логистички центар.
Во сериозниот инцидент што се случи кон крајот на август, еден дрон удрил во украински товарен авион „антонов“, но не експлодирал, друг дрон се судрил со друг авион, а третиот се детонирал во близина на периметарот на аеродромот, велат властите. Соработниците на германскиот канцелар Фридрих Мерц велат дека доколку нападот резултирал со голем број жртви, можело да дојде до активирање на одредбата за колективна одбрана на НАТО, позната како Член 5.
Русија ја негираше вмешаноста во нападот во Лајпциг, а на обвинувањата од Берлин, Путин на почетокот на септември изјави: „Каде се доказите?“.
Според западни претставници, тајните напади на Русија низ Европа се предводени од огранок на руското воено разузнавање ГРУ. Овој огранок, наречен Служба за специјални задачи (ССД), е формиран во 2023 преку спојување на некои од најопасните руски тајни единици, со задача да води прикриена војна против Европа. Со ССД командува генерал-полковникот Андреј Аверјанов.
Во операцијата во Лајпциг биле вклучени најмалку три дрона полни со воен експлозив „семтекс“, кои биле поставени во грмушки и под дрвја надвор од периметарот на аеродромот, соопштија истражителите. Опремени со германски 5Г картички за мобилни телефони, дроновите можеле да се управуват од далечина преку интернет. Германските експерти за сајберразузнавање ја проследиле комуникацијата до сервери претходно користени од ГРУ.
Нападот бил дел од пошироките напори за позиционирање на агенти, експлозиви и оружје ширум Европа за да се нападнат цели кои ја поддржуваат Украина и да се сее хаос што може да го зајакне политичкото противење на воената помош за Киев, според истражителите и разузнавачите.
Истражителите откриле мрежи за шверц на експлозиви, беспилотни летала и оружје во ЕУ, како и безбедни куќи и скриени подземни складишта во близина на аеродроми, фабрики за оружје и други потенцијални цели.
Германските истражители сметаат дека копнената логистика за операцијата во Лајпциг била координирана од Олег Левушкин, поранешен руски воен офицер, кој бил регрутиран од ГРУ откако претходно бил осуден за кривично дело. Левушкин раководел со неколку белоруски оперативци, кои пренесувале експлозиви преку границите, ги составувале дроновите и ги поставувале за извршување напади.
Мрежата ја користела Србија како логистички центар за преместување на модифицирани дронови и експлозивни направи кон Германија. „Семтекс“ бил шверцуван во повторно затворени конзерви за храна опремени со детонатори. Додадените челични плочи ги претвориле уредите во фрагментациски бомби, дизајнирани да расфрлаат шрапнели, соопштија истражителите.
Српските власти потоа уапсија седум лица, обвинети за припадност на организирана група која набавувала и складирала експлозиви и дронови, пред да ги испрати во ЕУ, соопштија српските обвинители. Два дена пред нападот во Лајпциг, Левушкин и најмалку еден белоруски соучесник летале од Германија во Србија, а потоа во Русија.
По неуспешниот напад, функционер на Кремљ, кој служел како канал за неформална комуникација со германската влада, стапил во контакт со својот колега во Берлин, според официјални лица запознати со оваа комуникација. Тој предупредил дека Лајпциг нема да биде последниот напад.



