Напаѓачот кој вчера со нож уби две лица на Лондонски мост е исламски екстремист и поранешен затвореник кој имал обвиненија поврзани со тероризам.
Полицијата го именуваше напаѓачот како 28-годишниот Усман Кан, кој бил на условна слобода кога го извршил нападот, во кој се убиени маж и жена, а уште три други се повредени. Кан бил застрелан од полицијата откако бил совладан од случајни минувачи. Полицијата го третира нападот како терористички чин.
Кан од порано им бил познат на властите, бидејќи уште во 2012 година бил обвинет за тероризам.
„Тој беше пуштен на условна слобода во декември 2018 и сега треба да се утврди како дошло до тоа тој да го изврши нападот“, изјави помошникот командир на лондонската полиција Нил Басу.
Тој додаде дека Кан присуствувал на конференција за рехабилитација на затвореници, кога тргнал во својот поход.
Нападот се случи кратко време откако Британија го намали степенот на опасност од тероризам во земјата.