Тобијас Ратхјен, кој синоќа уби девет луѓе во два наргиле бара во германскиот град Ханау, зад себе оставил манифест во кој повикал на целосно истребување на многу раси и култури. Тој беше пронајден мртов во својот дом неколку часови подоцна, откако претходно ја убил и мајка му.
Канцеларката Ангела Меркел изјави дека пукањето покажува колкав отров е расизмот и вети дека ќе им се спротивстави на оние кои сакаат да ја поделат земјата.
„Има многу индикации дека напаѓачот бил крајнодесничарски екстремист и дека бил мотивиран од расизмот“, кажа Меркел.
Полицијата сега истражува дали 43-годишниот Ратхјен можеби имал помагачи, додавајќи дека тој на интернет јасно го изразувал својот длабок расизам.
Турција потврди дека најмалку петмина од убиените се од турска националност, а една од жртвите е мигрант од БиХ. Во нападот има и шест повредени, од кои еден сериозно.
Во својот манифест на 24 страници, кој во меѓувреме бил тргнат од интернет, Ратхјен вели дека се сомнева дека властите го следат со години, поради што не бил во можност да оствари врска со жена. Тој исто така повикувал на геноцид.
„Меѓу нас сега живеат етнички групи, раси и култури кои нѐ уништуваат во секој поглед. Првото прочистување треба да биде грубо, а во следното треба да се прочисти половина од светската популација“, вели Ратхјен и меѓу земјите кои треба целосно да бидат уништени ги наведува Израел, Сирија, Индија, Пакистан, Египет, Турција, Ирак, Иран и Филипини.