Властите го третираат синоќешното пукање во два наргиле бара во германскиот град Ханау како терористички напад, додека напаѓачот е опишан како крајнодесничарски екстремист.
Девет луѓе загинаа во нападот, а напаѓачот бил пронајден мртов во својот дом неколку часа подоцна, откако претходно ја убил и мајка му. Во двата бара кои беа цел на нападот гостите главно биле Курди.
Полицијата кажа дека 43-годишниот напаѓач Тобијас Р. се самоубил. Тој наводно оставил писмо и видеоснимка, во кои ги изразува своите крајнодесничарски ставови. Весникот „Билд“ објави дека тој бил германски државјанин кој поседувал дозвола за оружје, при што во неговиот автомобил било пронајдено дополнително количество муниција.
Првото пукање се случило во наргиле бар во центарот на градот околу 22 часот, каде што сведоците слушнале десетици истрели. Тој потоа се одвезол до предградието Кеселштат, каде што исто така отворил оган во наргиле бар.
По седумчасовна потрага, полицијата упаднала во домот на осомничениот напаѓач, кој се наоѓа во близина на местото на второто пукање, при што го пронашла мртов, заедно со 72-годишната мајка.
„Она што со сигурност го знаеме е дека станува збор за ксенофобични мотиви. Сѐ друго се истражува“, изјави министерот за внатрешни работи на сојузната држава Хесе, Петер Бојт.