Бившиот мексикански претседател Енрике Пења Нието примил поткуп од 100 милиони долари од наркобосот Хоакин Ел Чапо Гусман, изјави сведок на судењето во Њујорк.
Ова го откри Алекс Сифуентес, кој тврди дека со години бил близок соработник на шефот на озлогласениот наркокартел Синалоа, за кој обвинителите велат дека бил најголем снабдувач на САД со дрога.
Процесот против 61-годишниот Ел Чапо во судот во Бруклин почна во ноември, откако беше екстрадиран од Мексико. Тој е обвинет дека како шеф на најголемиот наркокартел во светот организирал внесување на големи количества кокаин и други дроги во САД.
Пења Нието служеше како претседател на Мексико од 2012 до 2018 година. Според новинарите кои го следат судењето, тој прво побарал да му се исплатат 250 милиони долари, пред да се договорат за 100 милиони. Сифуентес сведочел дека исплатата била извршена во Мексико Сити во октомври 2012 година. Пења Нието не реагираше на овие тврдења, но претходно ги демантираше сите обвинувања за корупција.
Сифуентес се претставува како поранешна десна рака на Ел Чапо, за кого работел како секретар, пред да биде уапсен во 2013 година.