НАСА УСПЕШНО ЈА ЛАНСИРАШЕ МИСИЈАТА „АРТЕМИС 2“, ПРВА СО ЧОВЕЧКИ ЕКИПАЖ КОН МЕСЕЧИНАТА ОД 1972

    НАСА УСПЕШНО ЈА ЛАНСИРАШЕ МИСИЈАТА „АРТЕМИС 2“, ПРВА СО ЧОВЕЧКИ ЕКИПАЖ КОН МЕСЕЧИНАТА ОД 1972Доколку мисијата продолжи според планот, екипажот составен од Рид Вајсман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен ќе лета околу Месечината и назад во речиси 10-дневната експедиција (Фото: АП)

    Четворица астронаути ноќеска полетаа од Флорида на мисијата „Артемис 2“, патување околу Месечината, што го означува најхрабриот чекор на САД кон враќањето на луѓето на нејзината површина подоцна оваа деценија. Ракетата „СЛС“ на НАСА со капсулата „Орион“ беше лансирана од вселенскиот центар „Кенеди“ непосредно пред изгрејсонцето по локално време, носејќи еден канадски и тројца американски астронаути.

    Шефот на НАСА, Џаред Ајзекмен, кажа дека лансирањето беше почетен чин за идните мисии, што би вклучувале изградба на база на Месечината за поддршка на трајното присуство на луѓето.

    Доколку мисијата продолжи според планот, екипажот составен од Рид Вајсман, Виктор Гловер, Кристина Кох и Џереми Хансен ќе лета околу Месечината и назад во речиси 10-дневната експедиција, тестирајќи го вселенското летало, додека се пробива подлабоко во вселената отколку што луѓето некогаш отишле. Мисијата е прв пробен лет со екипаж на програмата „Артемис“, наследничка на проектот „Аполо“ од ерата на Студената војна и прва во светот што испрати астронаути кон Месечината од 1972 година.

    Планирано е првите луѓе да се вратат на Месечината со мисијата „Артемис 4“ во 2028. Откако во минатото се натпреваруваа со Советскиот Сојуз, САД во изминатите години се фокусирани на конкуренцијата од Кина, која брзо ја развива својата вселенска програма и планира да испрати луѓе на Месечината во 2030 година.

    Јас сум Џереми, одиме за целото човештво“, изјави канадскиот астронаут Џереми Хансен непосредно пред полетувањето.

    Неколку часа по полетувањето, горната фаза на ракетата „СЛС“ успешно се одвои од капсулата „Орион“ и нејзиниот погонски модул. Потоа екипажот започна да работи на рана пробна цел: рачно управување со вселенското летало околу горната фаза за да се демонстрира неговата способност за маневрирање доколку неговите стандардни автоматизирани контроли некогаш откажат.

    Во првите 24 часа по полетувањето, леталото ќе кружи околу Земјата, при што екипажот двапати ќе тестира различни системи.

    Мисијата „Артемис 2“ ќе оди 406.000 километри во вселената, што е најдалеку што отишле луѓето.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира