По Франција, Италија и Португалија, протестите против високите трошоци за живот ја погодија и Германија, каде што исто така се забележани насилства и грабежи. Насилни инциденти имаше во Франкфурт, Берлин, Келн и Хамбург, при што полицијата употреби водени топови за да ги растера демонстрантите, кои фрлаа пиротехника, камења и шишиња.
Илјадници луѓе се придружија на демонстрациите организирани од кампањата „Генерацијата Зед ја презема контролата“, за да протестираат против недоволното финансирање на училиштата, високите трошоци за живот, намалувањето на јавното трошење и воениот рок.
Голем дел од главната шопинг-улица во Франкфурт беше затворен од полицијата, која објави дека во градот се извршени многу апсења.
Властите во Франкфурт, Минхен и Берлин кажаа дека се собрале 18.000 демонстранти, приближно половина од она што организаторите го проценија на нивната веб-страница. Германските медиуми објавија дека десетици илјади луѓе протестирале вчера.
Портпаролката на кампањата, Лина Фридрих, изјави дека „демонстрациите биле за борба за мир и слобода, а не за војна и принуда“.
„Она што ни е најважно е подобра поддршка за здравствениот и образовниот систем. Ние сме против задолжителната воена служба и сме за пофер распределба на товарот“, рече Фридрих.
Иако протестите во текот на денот беа претежно мирни, тие станаа насилни како што се стемнуваше. Полицијата во Франкфурт соопшти дека во центарот на градот се случувале „насилни немири“. Излозите на неколку продавници биле скршени, а молотови коктели биле фрлени врз службите за итни случаи, соопшти полицијата.
Официјалните лица кажаа дека била ограбена и продавница за оружје и подоцна кај уапсените биле запленети две оружја.
Роман Посек, министер за внатрешни работи на покраината Хесен, изјави дека „околу 100 левичарски екстремисти“ се инфилтрирале во протестот во Фраанкфурт.
Во Франција, повеќе од 320.000 луѓе учествуваа во третиот викенд на претежно мирни протести. Илјадници полицајци беа распоредени низ цела Франција за справување со демонстрациите, при што во судирите во Тулуз, Лион и Марсеј имало повеќе од 500 апсења.



