Полската влада донесе одлука за претворање на националниот стадион во Варшава во привремена болница, додека земјата се соочува со наглиот пораст на бројот на заразени со коронавирус и со преоптоварен здравствен систем.
Полска регистрираше рекордни бројки на новозаразени и починати од ковид-19 во изминатата недела, додека болниците пријавуваат недостиг на персонал, опрема и кревети.
„Премиерот Моравјецки нареди да се почне со подготвување на првата привремена болница, која ќе биде лоцирана во рамките на националниот стадион“, изјави шефот на неговиот кабинет Михал Дворчик.
Привремената болница ќе има 500 кревети за пациенти со ковид-19, кои ќе бидат сместени во просториите на стадионот, со опција за двојно зголемување на капацитетот. Се очекува првите кревети да бидат достапни оваа недела.
Владата ги затвори теретаните и базените, го ограничи работното време на рестораните и ги префрли училиштата и факултетите на онлајн настава.