НЕ Е НА НАС ДА СЕ СРАМИМЕ, СРАМОТ Е НА СИЛУВАЧИТЕ, СВЕДОЧЕШЕ ЖИЗЕЛ ПЕЛИКО НА СУДЕЊЕТО НА СОПРУГОТ КОЈ 10 ГОДИНИ ЈА ДРОГИРАЛ И ЈА ИЗНАЈМУВАЛ ЗА СИЛУВАЊЕ

    НЕ Е НА НАС ДА СЕ СРАМИМЕ, СРАМОТ Е НА СИЛУВАЧИТЕ, СВЕДОЧЕШЕ ЖИЗЕЛ ПЕЛИКО НА СУДЕЊЕТО НА СОПРУГОТ КОЈ 10 ГОДИНИ ЈА ДРОГИРАЛ И ЈА ИЗНАЈМУВАЛ ЗА СИЛУВАЊЕ„Сакам сите жени кои биле силувани да кажат: Мадам Пелико го стори тоа, можам и јас. Не сакам повеќе да се срамат“, рече таа, осврнувајќи се на нејзиното барање за отворено судење и за да бидат прикажани видеата од силувањата. (Фото: ЕПА)

    На Жизел Пелико, Французинката на чиј сега поранешен сопруг му се суди дека ја дрогирал и силувал и поканил десетици други мажи да ја силуваат, за првпат сведочеше во судницата. Жизел пред судот во Авињон изјави дека сака жените кои биле силувани да знаат дека „не е на нас да се срамиме – тоа е на нив“.

    „Сакам сите жени кои биле силувани да кажат: Мадам Пелико го стори тоа, можам и јас. Не сакам повеќе да се срамат“, рече таа, осврнувајќи се на нејзиното барање за отворено судење и за да бидат прикажани видеата од силувањата.

    Жизел (72) го сведочеше по барањето на нејзиниот правен тим да ѝ се даде шанса да одговори на доказите и сведочењата кои досега беа споделени на судењето. Таа рече дека во текот на последните неколку недели гледала различни сопруги, мајки и сестри на обвинетите како сведочеа и велеа дека обвинетите се „исклучителни мажи“.

    „Тоа е исто како оној што го имав дома“, додаде таа. „Но, силувач не е само некој што ќе го сретнете на темен паркинг доцна во ноќта. Тој може да се најде и во семејството, меѓу пријателите“.

    Таа рече дека е „целосно уништена“ и дека ќе мора повторно да се изгради себеси.

    „Не знам дали целиот мој живот ќе биде доволен за да разберам“, додаде таа.

    Обраќајќи му се на својот поранешен сопруг како г-дин Пелико, Жизел рече: „Посакувам сè уште да го нарекувам Доминик. Живеевме заедно 50 години, бев среќна, исполнета жена. Ти беше грижлив, внимателен сопруг, и јас никогаш не се сомневав во тебе. Споделувавме и смеа и солзи“, додаде таа, а нејзиниот глас се скрши.

    Доминик призна дека регрутирал мажи преку Интернет за да ја силуваат неговата сопруга додека таа била под дејство на тешки седативи и апчиња за спиење кои тој ѝ ги давал тајно цела деценија.

    Жизел рече дека се чувствувала среќна што го имала покрај себе кога страдала од здравствени проблеми за кои подоцна било откриено дека се поврзани со лековите што тој ѝ ги давал.

    „Се обидувам да разберам како овој човек, кој за мене беше совршен, можеше да го направи ова? Како можеше да ме предаде во овој момент? Како можеше да ги пуштиш овие странци во мојата спална соба? Сакам да му кажам: Отсекогаш сум се обидувала да те подигнам повисоко, кон светлината. Ти ги избра најмрачните длабочини на човековата природа. Ти си тој што го направи овој избор“, рече таа.

    Повеќето од силувањата се снимени.

    Мнозинството од обвинетите негираат дека ја силувале Жизел и тврдат оти не можат да бидат виновни затоа што не сфатиле дека е во несвест и затоа не „знаеле“ дека ја силуваат.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира