Луѓето во Германија кои не се вакцинирани против ковид-19 би можеле да се соочат со рестрикции во наредните месеци, предупреди еден од клучните соработници на Ангела Меркел, државниот министер Хелге Браун. Тој е уверен дека воведувањето ограничувања за невакцинираните би било законско, зашто државата има обврска да го заштити здравјето на своите граѓани.
„Тоа го вклучува и здравствениот систем. Претстојната зима веќе не може да има одложувања на операциите за рак и други болести со цел да се лекуваат пациентите со ковид-19“, изјави Браун.
Браун, кој е лекар, смета дека целосно затворање на земјата нема да биде потребно доколку сегашните вакцини делуваат против делта сојот на коронавирусот.
„Ако Германија ја погоди жесток четврти бран на пандемијата во наредните месеци, на невакцинираните би можел да им се забрани пристап на јавни места. Ако имаме висока стапка на заразата, тогаш невакцинираните ќе мора да ги ограничат контактите и нема да можат да одат во ресторани, барови, музеи или на стадиони, иако биле тестирани, зашто сите би биле изложени на голем ризик“, изјави Браун.
Околу 60% од германското население примило барем една доза од вакцината, а помалку од 50% се целосно имунизирани. И покрај тоа, во Германија повторно расте бројот на заразени. Седумдневната стапка на новозаразени е 13,8 случаи на 100.000 жители.