НЕ САКАМ ВЕЌЕ ДА СИ ИМАМ РАБОТА СО ОВАА ДРЖАВА, КАЖА БОРИСОВ ПО НЕУСПЕШНИОТ ОБИД ДА СТАНЕ БУГАРСКИ ПРЕМИЕР

    НЕ САКАМ ВЕЌЕ ДА СИ ИМАМ РАБОТА СО ОВАА ДРЖАВА, КАЖА БОРИСОВ ПО НЕУСПЕШНИОТ ОБИД ДА СТАНЕ БУГАРСКИ ПРЕМИЕРБорисов кажа дека веднаш ќе го врати мандатот штом ќе го прими (Фото: Гети)

    Лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов, објави дека ја повлекол својата кандидатура за премиер и планира да го врати мандатот за формирање нова бугарска влада.

    „Не сакам веќе да имам работа со оваа држава. Затоа веднаш ќе го вратам мандатот штом ќе го примам“, кажа Борисов.

    ГЕРБ победи на последните парламентарни избори минатиот месец, седми за период од три години, по што Борисов ѝ понуди договор на коалицијата „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ), чиј кандидат Атанас Атанасов би добил поддршка да биде спикер на парламентот. Во замена би формирале заедничка влада на чело со Борисов. Сепак, ова беше одбиено од коалицијата, со што дополнително се продлабочи политичката криза во земјата.

    „Тие кажаа дека во мене не гледаат добар лидер и премиер. Затоа категорички одбивам да се справувам со проблемите што тие ги оставија во последните четири години“, кажа Борисов.

    ПП-ДБ постојано се противеше на идејата Борисов да биде премиер на која било влада. Тие бараа од ГЕРБ да потпише декларација за одржување „санитарен кордон“ околу Делјан Пеевски, кој се најде под американски и британски санкции поради корупција. Борисов претходно понуди писмени уверувања дека ГЕРБ нема да формира коалиција со партијата на Пеевски, но тоа не беше доволно.

    Во меѓувреме и бугарскиот парламент останува блокиран по неуспешните обиди да се избере спикер, додека Борисов инсистира идните премиер и спикер да бидат од редовите на ГЕРБ.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира