НЕ СИТЕ ЧЛЕНКИ НА ЕУ СЕ СОГЛАСУВААТ ДЕКА Е НЕОПХОДНО ДА СЕ ПРИМАТ ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН, СЕ ВЕЛИ ВО ИЗВЕШТАЈ НА ФРАНЦУСКО-ГЕРМАНСКА РАБОТНА ГРУПА ЗА РЕФОРМИ ВО ЕУ

    НЕ СИТЕ ЧЛЕНКИ НА ЕУ СЕ СОГЛАСУВААТ ДЕКА Е НЕОПХОДНО ДА СЕ ПРИМАТ ЗЕМЈИТЕ ОД ЗАПАДЕН БАЛКАН, СЕ ВЕЛИ ВО ИЗВЕШТАЈ НА ФРАНЦУСКО-ГЕРМАНСКА РАБОТНА ГРУПА ЗА РЕФОРМИ ВО ЕУРаботната група за реформи во ЕУ вели дека ЕУ самата не е подготвена да прими нови членки. (архивска фотографија)

    Не сите влади на земјите членки на Европската унија се согласуваат дека проширувањето на ЕУ со Западен Балкан, Украина и Молдавија е геополитички неопходно, се вели во извештајот на француско-германската работна група за реформи на ЕУ. Оттаму, работната група препорачува дека можеби би било корисно за сите да се дизајнира пат кон различни нивоа на интеграција и некаква форма на полабаво здружување на новите или актуелни земји членки.

    „Диференцијацијата може да доведе до четири нивоа на европска интеграција, составени од внатрешен круг (длабока интеграција во области како еврозоната и Шенген), самата ЕУ, поширок круг со придружни членки, дозволувајќи учество во единствениот пазар и придржување до заедничките принципи, и конечно Европската политичка заедница, како надворешно ниво на политичка соработка без обврска за придржување кон законите на ЕУ“, се вели во извештајот објавен вчера.

    Исто така, работната група вели дека ЕУ самата не е подготвена да прими нови членки и препораката е да се постави цел за двете страни (ЕУ и земјите кандидатки) да бидат подготвени за проширување до 2030 година.

    „Европските лидери ја обновија посветеноста на проширувањето со оглед на сè понеповолниот меѓународен контекст. Украина и Молдавија им се приклучија на досегашните осум земји кандидатки, а наскоро може да има уште две. Сепак, ЕУ самата не е подготвена да прими нови членки. Институциите и механизмите за носење одлуки не се дизајнирани за група од 37 земји, а и сега е тешко за 27-те земји членки да менаџираат со кризи и да носат стратешки одлуки“, се вели во извештајот.

    Француската и германската влада поканија 12 независни експерти да формираат работна група за институционални реформи на ЕУ, кои направија извештај насловен „Реформирање и проширување на ЕУ за 21. век“

    Што се однесува до преговарачкиот процес, во извештајот се препорачува одобрувањето на секое поглавје да биде спроведувано со квалификувано мнозинство, но конечната ратификација на пристапувањето да остане со едногласна одлука.

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира