НЕ СУМ НАЦИСТ, ТОА БЕШЕ НЕВИНО МАВТАЊЕ, СЕ ПРАВДА БУГАРСКИОТ ЕВРОПРАТЕНИК ЏАМБАСКИ ЗА НАЦИСТИЧКИОТ ПОЗДРАВ ВО ЕВРОПАРЛАМЕНТОТ

    НЕ СУМ НАЦИСТ, ТОА БЕШЕ НЕВИНО МАВТАЊЕ, СЕ ПРАВДА БУГАРСКИОТ ЕВРОПРАТЕНИК ЏАМБАСКИ ЗА НАЦИСТИЧКИОТ ПОЗДРАВ ВО ЕВРОПАРЛАМЕНТОТЏамбаски има историја да се правда за предизвикани скандали. (Фото: Твитер/принтскрин)

    Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски, познат по антимакедонските ставови и гласен поддржувач на ветото за почеток на преговорите со ЕУ, тврди дека неговиот вчерашен нацистички поздрав во Европскиот парламент бил само невино мавтање.

    „Фактот што некој не се согласува со вас не значи дека е нацист. Се извинувам ако моето невино мавтање навреди некого“, се огласи на Твитер Џамбаски по скандалот.

    Џамбаски предизвика скандал на вчерашната седница на европарламентот, откако на заминување од пленарната сала, качувајќи се по скалите направи нацистички поздрав. На седницата се расправаше за владеење на правото во Полска и Унгарија, а тој застана во одбрана на владејачките партии во двете земји, Закон и правда и Фидес и нивните основачи Качински и Орбан.

    Францускиот државен секретар за европски прашања, кој беше присутен во пленарната сала на европарламентот во Стразбур, го нарече гестот на Џамбаски „скандалозен и шокантен“.

    Претседателката на Европскиот парламент Роберта Мецола рече дека „фашистички поздрав во Европскиот парламент е недозволив, секогаш и секаде“.

    „Ме навредува мене и сите во Европа“, додаде таа.

    За време на протестите против владата на Бојко Борисов во 2020 година, Џамбаски беше снимен како фрла петарди и истура вода од противпожарно црево врз демонстрантите пред седиштето на неговата партија ВМРО-БНД во Софија. Тогаш, тој одби да се извини, тврдејќи дека видеото е монтирано.

    Исто така во Бугарија, Џамбаски предизвика скандал откако се обиде да се качи во авион за Брисел со наполнет пиштол. Потоа тврдеше дека заборавил да го остави пиштолот дома пред да замине за аеродромот.

    Џамбаски е член на ВМРО-БНД и на групацијата ЕЦР во европарламентот, составена од претежно десничарски партии, како унгарската Фидес, полската Закон и правда и шпанската Вокс.

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира