„Нема да влеземе во коалициски преговори со АфД. Го кажавме тоа пред изборите и луѓето кои гласаа за АфД го знаеја тоа“, рече лидерo на победничката ЦДУ Фридрих Мерц на ТВ дебата со партиските лидери по завршувањето на денешните избори во Германија, откако крајно десничарската АфД заврши на второ место со најмногу освоени гласови досега.
„Ние победивме на овие избори многу јасно… Ќе се стремам да изградам влада која ќе ја претставува целата земја и која ќе ги решава проблемите на земјата. Не е тајна дека повеќе би сакал да имам само еден коалициски партнер“, рече лидерот н конзрвативците Мерц.
Конзервативниот блок ЦДУ/ЦСУ освои 28,5 отсто од гласовите, по што следи АфД со 20 отсто, според излезните анкети. Социјалдемократите (СПД) на канцеларот Олаф Шолц паднаа на најлошиот резултат од Втората светска војна, со 16,5 отсто од гласовите, и тој рече дека нема да учествива во преговорите за влада.
На постизборната панел дискусија со лидерите на најголемите политички партии Мерц рече дека формирањето влада ќе биде тешко, дека Германија мора да биде способна да дејствува на меѓународно ниво и оти се надева дека до Велигден ќе формира влада.
Исклучувајќи ја можноста за соработка со проруската AфД, тој рече: „Нема да бараме слобода и мир во скутот на Путин“.
Лидерката на крајната десница АфД, Алис Вајдел, изјави дека тие сега се мејнстрим партија.
„Сега сме цврсто закотвени како мејнстрим партија во Германија“, им рече Вајдел на поддржувачите, проследено со овации. „Ние сме единствената партија која ги удвои нашите перформанси од минатиот пат“, рече таа, додавајќи дека се подготвени да влезат во владата. „Нашата рака останува подадена да формираме влада. Отворени сме за коалициски разговори со ЦДУ. Во спротивно, не е можна политичка промена во Германија“, изјави лидерката на екстремната десница АфД и додаде дека ако конзервативците ја игнорираат волјата на народот одбивајќи да влезат во коалиција со нив, АфД ќе биде најголемата партија следниот пат.
Американскиот претседател Доналд Трамп на својот профил на Трут соушал објави дека ова е одличен ден за Германија и САД.
„Слично како САД, народот на Германија се измори од агендата без здрав разум, особено за енергетиката и имиграцијата, која преовладуваше толку многу години“, напиша Трамп во објавата која беше целосно со големи букви.