НЕМА ЗНАЦИ ДЕКА НЕКОЈ ЈА ПРЕЖИВЕАЛ ВЧЕРАШНАТА АВИОНСКА НЕСРЕЌА ВО КИНА, ДОСЕГА НЕ СЕ ПРОНАЈДЕНИ НИ ТЕЛА

    НЕМА ЗНАЦИ ДЕКА НЕКОЈ ЈА ПРЕЖИВЕАЛ ВЧЕРАШНАТА АВИОНСКА НЕСРЕЌА ВО КИНА, ДОСЕГА НЕ СЕ ПРОНАЈДЕНИ НИ ТЕЛААвионот бил во воздух околу еден час и се ближел кон својата дестинација, кога нагло изгубил висина (Фото: АП)

    Спасувачките екипи не пронајдоа преживеани меѓу остатоците на авионот на „Чајна истерн ерлајнс“, кој вчера се урна во планините во јужниот кинески регион Гвангши, што е најтешката авионска несреќа во Кина во последните десетина години. Во седум години стариот авион „боинг 737-800“ имало 123 патници и девет члена на посадата.

    „Остатоци од авионот се пронајдени на местото на падот, но досега не е пронајден никој од оние кои биле во авионот“, соопшти државната телевизија „ЦЦТВ“.

    Авионот кој патувал од Кунминг до Гвангжу се урнал во близина на градот Вужу, предизвикувајќи голем пожар кој бил видлив на сателитските снимки на НАСА. Од ударот се направила и огромна дупка на планинскиот терен. Државните медиуми кажаа дека црните кутии ќе се бараат и со дронови, зашто теренот е доста стрмен и непристапен.

    Авионот бил во воздух околу еден час и се ближел кон својата дестинација, кога нагло изгубил висина. Тој престанал да емитува податоци 96 секунди откако почнал да паѓа. Според сајтот „Флајтрадар“, авионот летал на височина од 8.800 метри, но две минути и 15 секунди подоцна бил регистриран на само 2.760 метри.

    Министерството за транспорт кажа дека повеќе од 100 авиони „боинг 737-800“ на „Чајна истерн ерлајнс“ се приземјени по вчерашната несреќа.

    Кина значително ја подобри безбедноста на својот авиосообраќај од 1990-ите и последната авионска несреќа со многу мртви се случи во 2010, кога загинаа 44 лица.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира