Доналд Трамп го славеше „големото враќање“ на Америка во традиционалното годишно обраќање до нацијата, што го одржа додека во Сенатот трае судење за неговото отповикување, на кое се очекува да биде ослободен.
Доаѓајќи на бината, Трамп ја изигнорира подадената рака од спикерката на Претставничкиот дом Ненси Пелоси, која подоцна искина копија од неговиот говор, додека тој ги изнесуваше своите заклучоци.
Држејќи го говорот во силно поделениот Конгрес, Трамп го искористи моментот за да најави нов четиригодишен мандат во Белата куќа.
„Непријателите на Америка се во бегство, богатствата на Америка се зголемуваат, а иднината на Америка свети сјајно. За само кратки три години, го уништивме губитничкиот менталитет. Се движиме напред со темпо што беше незамисливо пред кратко време и нема враќање назад“, изјави Трамп.
Во својот 78-минутен говор, тој ниту еднаш не го спомна зборот импичмент, а меѓу поканетите гости беа лидерот на опозицијата во Венецуела Хуан Гуаидо и братот на маж убиен од нерегистриран мигрант.