Тинејџерката Грета Тунберг синоќа во Обединети нации повторно им држеше лекции на светските лидери. Таа беше еден од говорниците на специјалниот самит за климата, на кој беа поканети само оние држави кои имаат план за намалување на емисијата на штетни гасови.
„Ова не е во ред. Јас не би требало да бидам овдека, туку на училиште на другата страна од океанот. Вие се осмелувате да им кажете на младите дека има надеж. Вие ги украдовте моите сништа и моето детство со вашите празни зборови“, го почна Тунберг својот остар говор.
Минатиот септември, Тунберг првпат избега од часови за да протестира пред шведскиот парламент, носејќи знак „училиштен штрајк заради климата“. Протестираше цели три недели, а потоа доаѓаше само во петоци, инспирирајќи илјадници млади да ѝ се придружат. Тоа во меѓувреме се претвори во глобално движење против климатски промени, на чиј протест во петокот се приклучија милиони луѓе низ цел свет, во повеќе од 180 држави.
„Цели екосистеми се распаѓаат, ние сме на почетокот на масовно исчезнување, а вие цело време зборувате само за пари и економски раст. Повеќе од 30 години науката беше кристално јасна, а никакви решенија не се на повидок“, кажа Тунберг.
Таа не беше воодушевена кога на самитот за кратко се појави Доналд Трамп, испраќајќи му лут поглед. Сепак, Трамп не остана доволно долго за да го ислуша нејзиниот говор и подоцна на Твитер ја опиша како „среќна млада девојка која гледа кон прекрасна и светла иднина“.
„Идејата да ја намалиме емисијата на штетни гасови за половина во наредните десет години ни дава само 50% надеж дека ќе останеме под порастот на температурите од 1,5 степени. Тој ризик не е прифатлив за нас кои треба да живееме со последиците. Вие нѐ разочарувате, но младите почнуваат да го разбираат вашето предавство. Ве следиме. Ако изберете да нѐ разочарате, никогаш нема да ви простиме. Светот се буди и доаѓаат промените, без разлика дали тоа ви се допаѓа. Сега и овдека ја подвлекуваме линијата“, кажа 16-годишната Тунберг.
Генералниот секретар на ОН Антонио Гутиереш изјави дека 77 држави ветиле дека ќе работат на тоа да постигнат јаглеродна неутралност до 2050 година и дека ќе сторат многу повеќе во борбата против климатски промени. Исто така, 100 бизнис лидери ветиле дека ќе се придружат на зелената економија, а една третина од глобалниот банкарски сектор поставиле зелени цели.