Претседателот Румен Радев ѝ порача на новата бугарска влада дека уште во првите 100 дена мора да покаже конкретни резултати во борбата против корупцијата, откако денеска ѝ го врачи мандатот на партијата Ја продолжуваме промената (ПП).
Тоа следува ден откако победничката партија на изборите од 14 ноември објави дека потпишала широк коалициски договор со Социјалистичка партија, Има таков народ и Демократска Бугарија, со што земјата ќе излезе од политичка криза и по осум месеци ќе добие регуларна влада. Мотото на новата влада ќе биде „Нулта толеранција за корупцијата“.
„Ако новата влада во првите сто дена не спроведе решителни промени во обвинителството и судството, ќе ја изгуби битката со законитоста“, кажа Радев.
Новите министри на чело со премиерот Кирил Петков треба да бидат изгласани во парламентот утре. Петков (41), кој е лидер на ПП, потврди дека Теодора Генчовска ќе биде новата министерка за надворешни работи, додавајќи дека не е задоволен од работата на јавниот обвинител Иван Гешев.