Прототипот на новата ракета на „СпејсЕкс“ експлодираше при обидот да слета откако имаше успешно полетување од полигонот на компанијата во Бока Чика, Тексас. Педесет метри високата ракета „Старшип“ беше целосно уништена во инцидентот, но сопственикот на „СпејсЕкс“, Илон Маск, претходно предупреди дека ова било за очекување. Тој беше задоволен од спроведениот тест, на кој ракетата на кратко достигна височина од 12,5 километри.
„Од оваа демонстрација ги добивме сите информации што ни требаа. Марс, ние доаѓаме!“, напиша Маск на Твитер.
Маск има големи очекувања од ракетата „Старшип“, за која вели дека е иднината на неговата компанија. Таа треба да превезува луѓе и товар во орбитата, а Маск се надева дека со неа ќе може да се патува и до Месечината и Марс.
Конечната верзија на „Старшип“ ќе биде висока 120 метри. Овој инцидент нема многу да ги попречи плановите на Маск, кој има подготвено уште неколку прототипови.