НОВИОТ ЕВРОКОМЕСАР ЗА ПРОШИРУВАЊЕ МОРА ДА БИДЕ ОД ЗЕМЈА КОЈА СИЛНО СЕ ЗАЛАГА ЗА ВЛЕЗ НА НОВИ ЧЛЕНКИ ВО ЕУ, ВЕЛИ АНАЛИЗАТА НА ГРУПАТА БИЕПАГ

    НОВИОТ ЕВРОКОМЕСАР ЗА ПРОШИРУВАЊЕ МОРА ДА БИДЕ ОД ЗЕМЈА КОЈА СИЛНО СЕ ЗАЛАГА ЗА ВЛЕЗ НА НОВИ ЧЛЕНКИ ВО ЕУ, ВЕЛИ АНАЛИЗАТА НА ГРУПАТА БИЕПАГСѐ уште не е познато кој ќе го замени актуелниот еврокомесар за проширување Оливер Вархеји (Фото: СДК.МК)

    Две европски комисии ги завршија своите мандати без проширувањето на повидок и ниту една земја-кандидат во моментов не е ни блиску до членство во Европската Унија. Со избувнувањето на војната во Украина и започнувањето на Планот за раст, политиката за проширување повторно е високо во агендата на ЕУ, се вели во анализата на Јована Маровиќ и Срѓан Цвијиќ од групата БИЕПАГ, составена од угледни политички истражувачи од Западен Балкан.

    Но, ова треба да биде проследено со институционални и кадровски решенија, пред сѐ, во Европската комисија, а особено кога станува збор за комесарот за проширување. Исто така, важно е во екот на постојаните политички турбуленции во ЕУ и на глобално ниво, земјите-членки да ја препознаат политиката на проширување како инструмент за зајакнување на Унијата, а не обратно.

    Европските избори само делумно го променија балансот, бидејќи Европскиот парламент не беше целосно префрлен на крајната десница, како што се стравуваше. Генерално, ЕУ не се приклони кон крајната десница, но промената е значајна во клучните земји-членки, особено Франција и Германија и во некои земји-членки кои традиционално се скептични кога станува збор за прифаќање нови членки (Холандија, на пример). Обесхрабрувачки е и тоа што свртување надесно се случи и во некои земји кои досега цврсто го поддржуваа проширувањето, како Австрија.

    Ова е она што треба да се случи за да се врати проширувањето на вистинскиот пат и да се исполни ветувањето за Украина, Западен Балкан, но и за Молдавија и Грузија.

    • Политиката на проширување мора да биде еден од приоритетите на оваа Европска комисија, со јасен политички план што ќе го придружува Планот за раст за Западен Балкан и останатите клучни политички инструменти за другите земји-кандидати. Главната порака треба да биде дека проширувањето е во политички, геополитички и економски интерес на ЕУ, што треба да биде придружено со дефинирањето на 2030 година како јасен временски хоризонт за да се случи тоа.
    • Неопходно е да се препознае реалноста и да се испратат политички пораки преку одредени технички промени. Затоа, Генералниот директорат за добрососедство и преговори за проширување треба да се трансформира во Генерален директорат за проширување, како што беше случајот претходно. Во рамките на новоформираниот ГД треба да се создадат посебни единици за 10-те земји-кандидати и потенцијални кандидати, додека сите други земји и региони (Јужно партнерство) треба да се префрлат назад за со нив да се занимаваат Европската служба за надворешни работи и различни генерални директорати во рамките на Европската комисија.
    • Можноста за проширување на Унијата за пет години треба да се препознае и планира во следниот буџетски циклус.
    • Следниот еврокомесар за проширување треба да дојде од земја-членка која има политичка тежина во ЕУ, силно се залага за проширување и става важен акцент на владеењето на правото и севкупните демократски реформи на земјите-кандидати.
    • Следниот еврокомесар за проширување не треба да доаѓа од земја-членка која не ги исполнува критериумите од Копенхаген и другите основни вредности врз кои е изградена ЕУ.
    • Следниот еврокомесар за проширување треба да биде истакната личност со докажана поддршка за владеењето на правото и демократијата.

    Политиката на проширување, како една од најуспешните политики на ЕУ, е и клучниот инструмент со кој Унијата може да докаже дека е „вратена на вистинскиот пат“, дека нејзината трансформативна моќ е „жива и здрава“, дека е способна да извезува демократија и да ја штити на сите нивоа. За да се постигне ова, потребно е да се тргне од соодветна рамка и да се применат истите инструменти за заштита на демократијата и човековите права секаде каде што е потребно.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира