Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека официјалното име на болеста предизвикана од новиот коронавирус е КОВИД-19.
„Сега имаме име за оваа болест и тоа е КОВИД-19“, изјави шефот на СЗО, Тедрос Адханом Гебрејесус.
Бидејќи до производството на вакцината можат да поминат и 18 месеци, тој го повика светот да се бори против болеста најагресивно што може. Од КОВИД-19 досега починале 1.113 луѓе, а повеќе од 44.000 се заразени.
Болеста која првпат беше идентификувана пред нова година во кинескиот град Вухан досега се нарекуваше коронавирус, но тоа всушност е име на цела група вируси, вклучувајќи го и САРС.
„Моравме да смислиме име кое нема да се однесува на ниедна географска локација, животно, поединец или народ и кое во исто време е лесно за изговор. Именувањето е важно, со цел да се избегне конфузија или да не се стигматизира цела една нација“, додаде Гебрејесус.
За именувањето на вируси е задолжен Меѓународниот комитет за таксономија на вируси, кој делува во рамките на СЗО.
Освен во Кина, новиот вирус е регистриран во уште 25 земји, при што најмногу заразени има во Јапонија – 161, од кои 135 на крузерот кој се држи во карантин во пристаништето во Јокохама.