Започнувањето на новиот шенгенски систем за влез и излез за патниците кои не се од ЕУ предизвика редици и чекања до три часа на граничните контролни точки на европските аеродроми. „АЦИ Јуроп“, здружение на компании за управување со аеродроми, побара итна интервенција од Европската комисија и членките на Унијата „за да се реши овој сериозен оперативен систем, што се појави откако системот стапи во сила на 12 октомври“.
Новата процедура е заснована врз автоматизиран систем кој ги бележи влегувањата и излегувањата на патниците од земјите кои не се членки на Шенген зоната. Таа го замени рачното печатирање на пасошите, забрзувајќи го и поедноставувајќи го процесот на царинска контрола. Исто така, ја олеснува идентификацијата на патниците кои немаат право на влез во ЕУ.
„Прогресивното проширување на регистрацијата и собирањето биометриски податоци за државјани на трети земји кои влегуваат во Шенген зоната го зголеми времето на безбедносни проверки на аеродромите до 70%, со чекања кои достигнуваат три часа во шпицот. Ова особено е забележливо на аеродромите во Франција, Германија, Грција, Исланд, Италија, Португалија и Шпанија. Затоа има потреба од забрзување на процедурите преку проширување на употребата на мобилни апликации, како што прави Шведска“, соопшти „АЦИ Јуроп“.
Според здружението, критичните проблеми се предизвикани од комбинација на фактори, како чести дефекти и прекини на системот, недостаток на целосно оперативни автоматски гранични контролни пунктови на многу аеродроми и недостиг на граничен персонал.
„Значителните нарушувања за патниците се веќе реалност, со прагот на регистрација заглавен на 10%. Доколку овие проблеми не се решат во наредните недели, зголемувањето ќе биде 35% од 9 јануари 2026, што може да предизвика многу посериозни застои и системска парализа за аеродромите и авиокомпаниите, со можни последици и врз безбедноста“, предупреди генералниот директор на „АЦИ Јуроп“, Оливие Јанковец.



