Новиот јапонски цар Нарухито вети дека ќе ја исполнува својата улога како симбол на државата и единството во своето прво јавно обраќање откако денеска заседна на тронот.
Педесет и деветгодишниот Нарухито го наследи својот татко Акихито, кој вчера стана првиот јапонски цар по повеќе од 200 години кој доброволно абдицирал. Со симболичната церемонија во Царската палата во Токио, во Јапонија и официјално почна нова ера, наречена Реива.
Во својот говор, Нарухито му оддаде почит на својот 85-годишен татко, ветувајќи дека ќе ја покажува истата посветеност кон народот.
„Акихито покажуваше длабока сочувствителност низ своето владеење. Се колнам дека ќе го продолжам патот на Почесниот цар и дека ќе ги исполнувам моите одговорности како симбол на државата и единството на јапонскиот народ“, изјави Нарухито.
На церемонијата, тој наследи свети царски предмети, кои се пренесуваат низ генерации. Јапонските цареви не носат круна, па овие предмети, кои вклучуваат меч и огледало, служат како симбол на царската моќ.
Царот Нарухито дипломирал на универзитетот Оксфорд и има една ќерка од бракот со сега веќе царицата Масако. Сепак, малата принцеза Аико, родена во 2001, нема да може да го наследи тронот, бидејќи тоа не го дозволуваат јапонските закони. Прв во редот наследници е братот на сегашниот цар, принцот Фумихито.