НОВИТЕ ПРАВИЛА ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ ЌЕ ПОЧНАТ ВО ТЕКОТ НА 2025, ЌЕ СЕ ПЛАЌА 7 ЕВРА СО ОНЛАЈН РЕГИСТРАЦИЈА

    НОВИТЕ ПРАВИЛА ЗА ВЛЕЗ ВО ЕУ ЌЕ ПОЧНАТ ВО ТЕКОТ НА 2025, ЌЕ СЕ ПЛАЌА 7 ЕВРА СО ОНЛАЈН РЕГИСТРАЦИЈАПочетокот на работата на системите веќе неколку пати се одложува, но последните најави се дека во 2025 година конечно ќе профункционираат. (Фото: СДК.МК)

    ЕУ планира да воведе нов систем за влез и излез од територијата на земјите-членки во 2025 година, но засега е неизвесно кога точно тоа ќе се случи. Најважните измени кои ќе ги засегнат и македонските граѓани е онлајн регистрацијата и плаќање 7 евра за патниците кои ги посетуваат земјите-членки на ЕУ за бизнис, туристички, медицински или транзитни цели.

    Во новата 2025 година, Европската унија планира да воведе два нови система за регистрација на патници кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ и Шенген зоната. Системите имаат за цел да ја зајакнат безбедноста и да ги олеснат и забрзаат процедурите за патниците кои доаѓаат од земји надвор од ЕУ. Почетокот на работата на системите веќе неколку пати се одложува, но последните најави се дека во 2025 година конечно ќе профункционираат, објави Дојче веле.

    Првиот е таканареченот ЕЕС (Entry/Exit System), Системот за влез/излез кој е автоматизиран ИТ систем за регистрирање на државјани кои не се членки на ЕУ кои патуваат на краток престој, секој пат кога ќе ги преминат надворешните граници на која било од земјите-членки на ЕУ, како и во Швајцарија и Исланд. Од системот, на почетокот ќе бидат исклучени Кипар и Ирска. Овие две земји ќе продолжат со досегашната пракса на мануелно ставање печат во пасошите на патниците. Под „краток престој“ се подразбира престој до 90 дена во кој било период од 180 дена. Овој период се пресметува како единствен период за сите европски земји кои користат ЕЕС.

    Системот нема да важи за лицата кои имаат дозволи за престој во земјите-членки на ЕУ, како и за оние со регулирани визи. За сите останати ќе важи, а единствената разлика ќе биде тоа што нивниот престој ќе се евидентира електронски, наместо како досега мануелно.

    Според соопштението на Европската комисија, шест месеци откако ќе почне да функционира ЕЕС, ќе се воведе и системот наречен ETИАС, кратенка за Европски систем за информации и овластување за патување (European Travel Information and Authorisation System). Системот ЕТИАС е резултат на желбата на ЕУ да ја зајакне својата гранична безбедност, но и дигитално да ги прикажува и следи патниците кои влегуваат и излегуваат од земјите на ЕУ. Овој систем ќе важи за сите патници кои доаѓаат надвор од ЕУ и Шенген просторот и, за разлика од ЕЕС, ќе биде малку покомплициран во смисла на обврските на патниците.

    Системот ќе ги проверува безбедносните податоци и ќе наплатува надомест за патниците кои ги посетуваат земјите-членки на ЕУ за бизнис, туристички, медицински или транзитни цели. Во иднина, за влезе во земјите на ЕУ патниците ќе мора претходно да се регистрираат и да платат еднократен надомест. Процедурата за регистрација ќе биде онлајн на интернет страницата на ЕТИАС или на мобилна апликација, и ќе можат да се пријават сите кои поседуваат биометриски пасош.

    Најпрво се пополнува апликација во која се наведуваат следните информации:

    Лични информации вклучувајќи ги име(и), презиме, датум и место на раѓање, националност, домашна адреса, имиња на родители, адреса на е-пошта и телефонски број;

    Детали за патниот документ;

    Детали за ниво на образование и моментално занимање;

    Детали за планираното патување и престој во која било од земјите за кои е потребен ETIAS;

    Детали за какви било кривични пресуди, какви било минати патувања во воени или конфликтни зони и дали неодамна сте биле предмет на одлука со која се бара да ја напуштите територијата на која било земја.

    Доколку некој ја поднесува апликацијата во ваше име, тоа лице ќе мора да го даде своето презиме, име, и податоци за контакт на организацијата или фирмата (ако е применливо), како и информации за нивната врска со вас и потврда дека ова лице и вие сте ја потпишале изјавата за застапување.

    На крајот ќе треба да се плати надомест од 7 евра, исто така онлајн. Од плаќање на надоместокот се ослободени лица под 18 и над 70 години возраст, како и членови на семејство на државјани на ЕУ или на лица кои имаат регулиран престој во ЕУ. Процесот на одобрување може да трае околу 20 минути, но ако се јави проблем може да се оддолжи и до 30 дена. Известување за успешноста на апликацијата се добива е-поштата.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира