Властите на Нов Зеланд постојано им пуштаат исти песни на демонстрантите кои кампуваат пред зградата на парламентот во обид да ги растерат. Најголемите хитови на американскиот пејач Бери Манилоу се повторуваат на секои 15 минути, а музичката листа е дополнета со шпанскиот денс хит „Макарена“.
Протестот против задолжителното вакцинирање и други коронамерки почна во вторникот, кога конвој од возила пристигна пред парламентот, налик на демонстрациите кои веќе две недели го блокираат центарот на главниот град на Канада, Отава. И новозеландските демонстранти, чиј број повторно се зголеми викендов, го присвоија името „Конвој на слободата“ и блокираат улици.
Властите прво ги иритираа демонстрантите со активирање на прскалките на тревникот на кој кампуваат, но оваа тактика се покажа неделотворна, па спикерот на парламентот Тревор Малард осмисли нов пристап: постојано пуштање песни на Бери Манилоу.
Строги коронамерки веќе две години се на сила во Нов Зеланд и некои од нив, како 10-дневна изолација, почнаа да создаваат незадоволство меѓу населението.