Њу Делхи беше најзагадениот главен град на светот во 2020, освојувајќи ја оваа титула трета година по ред, објави швајцарската група „Ај-Кју ер“, која го мери нивото на квалитетот на воздухот врз основа на концентрацијата на ПМ2,5 честички.
На листата на 92 главни градови, Скопје се најде на 17. место и во Европа, единствено Сараево котира полошо, на седмата позиција.
Севкупно, во Индија се наоѓаат 35 од 50-те најзагадени градови на светот, се вели во годишниот извештај на „Ај-Кју ер“, кој опфаќа 106 држави.
Во 2020, просечната годишна концентрација на ПМ2,5 честички во Њу Делхи изнесувала 84,1 микрограм во кубен метар воздух, повеќе од двојно од нивото во Пекинг (37,5), кој се наоѓа на 14. место на листата. Веднаш зад Њу Делхи се пласирани главните градови на Бангладеш (Дака, 77,1) и на Монголија (Улан Батор, 46,5).
Според овој извештај, Скопје лани имал просечна годишна концентрација на ПМ2,5 честички од 30,6 микрограми во кубен метар воздух. Балканот генерално лошо котира на листата, па Софија е на 20., а Белград на 24. место.
Меѓу главните градови со најчист воздух на светот се Стокхолм, Хелсинки, Велингтон, Талин, Осло и Рејкјавик.