Доналд Трамп се консултираше со своите адвокати во кулата „Трамп“ во Њујорк во очекување да стане првиот американски претседател кој се соочил со кривично дело.
Тој се најде под истрага поради исплатата од 130.000 долари на порно актерката Сторми Даниелс пред изборите во 2016 година. Вакви спогодби не се незаконски, но обвинителството на Менхетн истражуваше дали имало фалсификување на деловни извештаи во врска со исплатата.
Во градот се преземаат засилени безбедносни мерки во очекување на протести пред судот во Долен Менхетн, каде што Трамп треба да им се предаде на властите околу 20:15 часот по македонско време. Потоа конечно ќе се дознае и со какви обвинувања се соочува, чија бројка, според американските медиуми, се движи од едно до 30-ина.
„Лов на вештерки“, напиша Трамп на својата социјална мрежа пред четиричасовното патување од Флорида до Њујорк, кое детаљно беше следено од медиумите и милиони луѓе.
Адвокатите на Трамп веќе кажаа дека тој ќе се изјасни како невин. Се очекува тој прво да му се предаде на окружниот обвинител на Менхетн, Алвин Браг, по што ќе биде спроведен во судот, при што, како што е најавено, нема да носи лисици.
Судијата Хуан Мерчан не дозволи да има камери во судницата, додека фоторепортерите ќе смеат да сликаат само неколку минути пред формалниот почеток на рочиштето. Се очекува Трамп да биде пуштен со кауција и потоа да се врати во својот дом во Мар-а-Лаго во Флорида. Оттаму вечерва ќе ѝ се обрати на јавноста.
Трамп негира дека имал сексуален однос со Даниелс во 2006, која пред изборите во 2016 се обидела да ја продаде својата приказна на медиумите. За да ја замолчи, Трамп преку својот адвокат Мајкл Коен ѝ платил 130.000 долари.