Варијанта на коронавирус која првпат беше идентификувана во Бразил е пронајдена во Велика Британија. Здравствените власти велат дека се откриени шест случаи и се прават тестирања за да се види дали има поголемо ширење.
Се верува дека некои варијанти на коронавирус, како оваа, се позаразни и постојат грижи дека би можеле да бидат поотпорни на постојните вакцини.
Постојат илјадници различни верзии, односно соеви на вирусот што ја предизвикува болеста ковид-19, но најголемите грижи се поврзани со три:
- Британскиот сој или сој од Кент (исто така познат како Б.1.1.7) моментално е доминантен во поголемиот дел на Велика Британија, а се прошири и во повеќе од 50 други земји и се чини дека повторно мутира. Првпат беше откриен во септември и експертите сметаат дека се шири 70% побрзо, иако последните истражувања покажуваат дека тоа се движи меѓу 30% и 50%.
- Јужноафриканскиот сој (Б.1.351) е пронајден во најмалку 20 држави. Се појавил во октомври и има потенцијално позначајни промени во шилестиот протеин. Тоа вклучува мутација наречена Е484К, која му помага на вирусот да ги избегнува антителата во имунолошкиот систем.
- Варијантата од Бразил (П1) е детектирана кај четворица патници во Јапонија, а сега и во Велика Британија. Таа првпат била идентификувана во јули во Манаус и исто така ја содржи опасната мутација Е484К.
Не е неочекувано што се појавуваат нови варијанти, зашто сите вируси мутираат. Мнозинството од нив се безначајни, но некои можат да го направат вирусот позаразен и позаканувачки.
Засега нема докази дека новите варијанти предизвикуваат посериозна болест. Како и кај оригиналниот вирус, на поголем ризик се изложени старите лица и оние кои веќе имаат некоја медицинска состојба. Некои истражувања покажуваат дека британскиот сој предизвикува поголема смртност за 30%, но за ова засега нема доволно докази.
Сегашните вакцини се дизајнирани врз основа на раните варијанти на коронавирусот, но научниците веруваат дека би требало да функционираат и против новите соеви, иако можеби не толку ефективно. Дури и во случај на најлоши сценарија, тие можат да се изменуваат и прилагодуваат.