ОД УЛИЦИТЕ СОБРАВМЕ 1.207 ТЕЛА, ВЕЛАТ ВЛАСТИТЕ НА МАРИУПОЛ, ВО КОЈ СНЕМУВА ХРАНА

    ОД УЛИЦИТЕ СОБРАВМЕ 1.207 ТЕЛА, ВЕЛАТ ВЛАСТИТЕ НА МАРИУПОЛ, ВО КОЈ СНЕМУВА ХРАНАДел од телата се закопуваат во масовна гробница (Фото: АП)

    Властите на Мариупол велат дека не знаат колку точно луѓе загинале во градот досега, додавајќи дека последната потврдена бројка е 1.207.

    „Тоа се телата што ги собравме од улиците. Четириесет и седум луѓе се закопани во масовна гробница, зашто беше невозможно да се стигне до гробиштата надвор од градот. Некои од нив не се идентификувани“, изјави заменик-градоначалникот Серхиј Орлов.

    Тој вели дека е невозможно да се евакуираат луѓе од градот или да се донесе помош.

    „Стотина луѓе кои вчера се обиделе да избегаат со приватни автомобили морале да се вратат назад, зашто руските трупи почнале да пукаат околу автомобилите“, кажа Орлов.

    И Црвениот крст предупреди на исклучително тешката состојба во градот, велејќи дека на повеќето луѓе им снемува храна за нивните деца. Во градот, во кој 400.000 жители се под опсада на руските сили повеќе од една недела, нема ни вода и греење.

    „Луѓето се тепаат меѓусебе за храна. Сите продавници и аптеки се ограбени и нема снабдување со гас, а температурите се спуштаат до -5 степени“, соопшти Црвен крст.

    Во изминатите денови се најавуваше отворање хуманитарни коридори од Мариупол, но секојпат безуспешно.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира