ОДЛУКАТА ДА ГО НАПУШТИМЕ АВГАНИСТАН Е ИСПРАВНА ЗА АМЕРИКА, КАЖА ЏО БАЈДЕН

    ОДЛУКАТА ДА ГО НАПУШТИМЕ АВГАНИСТАН Е ИСПРАВНА ЗА АМЕРИКА, КАЖА ЏО БАЈДЕНБајден кажа дека Американците нема да учествуваат во војна во која што Авганистанците немаат волја да се борат за себеси (Фото: АП)

    Нашата цел во Авганистан никогаш не била да ја градиме нацијата, туку да спречиме терористички напад на американското тло, изјави претседателот Џо Бајден во своето прво јавно обраќање откако талибанците вчера влегоа во Кабул и ја презедоа контролата врз целата земја.

    Тој кажа дека цврсто стои зад својата одлука за повлекување на американската војска од Авганистан, од каде што денес илјадници луѓе очајнички се обидуваат да избегаат, стравувајќи од враќањето на бруталното и репресивно владеење на талибанците.

    „Наследив договор според кој САД требаше да се повлечат од Авганистан до 1 мај. Талибанците се најсилни од 2001 година и мојот избор беше или да го почитувам тој договор или да влеземе во војна со талибанците. После 20 години научив дека не постои добро време за повлекување. Американците нема да учествуваат во војна во која што Авганистанците немаат волја да се борат за себеси. Реалноста е дека земјата потклекна побрзо од сите очекувања. Претседателот Гани не го прифати мојот совет да преговара со талибанците и ме убедуваше дека авганистанските сили ќе се борат, но очигледно не беше во право“, кажа Бајден.

    Тој порача дека САД ќе продолжат да ги поддржуваат Авганистанците, но не преку бесконечна војна, туку преку дипломатија, меѓународно влијание и хуманитарна помош.

    „Направивме многу грешки во изминатите децении, но нема да ја пренесам одговорноста на петтиот претседател. Длабоко жалам за она што се случува сега, но не жалам за одлуката да ја завршам најдолгата војна во историјата на САД. Одлуката да го напуштиме Авганистан е исправна за Америка“, изјави Бајден.

    Американската војска ја презеде контролата врз аеродромот во Кабул со цел да ја овозможи евакуацијата на вработените во американската амбасада, но ситуацијата излезе од контрола поради огромниот број Авганистанци кои се обидуваат да се качат во авионите.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира