„СпејсЕкс“ на Илон Маск успешно ја лансираше својата огромна ракета „Старшип“ од трет обид. Најголемата и најмоќна ракета некогаш создадена во иднина треба да превезува астронаути на Месечината, а можеби и до Марс.
Системот долг над 120 метри полета од полигонот на „СпејсЕкс“ во Бока Чика во Тексас и по седум минути лет навлезе во вселената.
„Ракетата ‘Старшип‘ отиде најдалеку што сме биле досега. Сите шест мотори успешно го придвижија леталото во орбитата“, објави „СпејсЕкс“.
Сепак, ракетата нема да го има планираното контролирано паѓање во Индиски Океан, откако од „СпејсЕкс“ соопштија дека го изгубиле контактот со неа при враќањето на Земјата.
Првите два обида за лансирање завршија со спектакуларни експлозии. За разлика од првите два пробни лета минатата година, кои требаше да демонстрираат дека двете фази на вселенското летало можат да се разделат по лансирањето, една од целите на денешниот тест беше повторно палење на еден од моторите во вселената.