Американската сојузна држава Охајо ги објави првите победници на својата лотарија во која можат да учествуваат само лицата вакцинирани против ковид-19. Абигејл Бугенске од предградие на Синсинати освои еден милион долари, додека тинејџерот Џозеф Костело од областа Дејтон е награден со школарина за колеџ.
Гувернерот на Охајо, Мајк Девајн, ја лансираше оваа иницијатива на 12 април со цел да го поттикне вакцинирањето и се пофали дека таа дала резултати.
„Од 14 до 19 мај, вакцинирањето во Охајо се зголемило за 94% кај лицата од 16 и 17 години, за 46% кај оние од 18 и 19 години, односно за 55% кај возрасната група од 20 до 49 години, во споредба со периодот од 7 до 12 мај“, изјави Девајн.
Во наредните четири недели ќе бидат доделени уште четири премии од милион долари и четири школарини.
Администрацијата на Бајден ја пофали лотаријата и оваа иницијатива во меѓувреме се прошири и во Њујорк, Мериленд, Орегон и Колорадо.