ОМИКРОН ПРЕДИЗВИКУВА ЗАГРИЖУВАЧКИ ПОРАСТ НА БРОЈОТ НА ЗАРАЗЕНИ ВО ЈУЖНА АФРИКА, И САД ГО ПОТВРДИЈА ПРВИОТ СЛУЧАЈ

    ОМИКРОН ПРЕДИЗВИКУВА ЗАГРИЖУВАЧКИ ПОРАСТ НА БРОЈОТ НА ЗАРАЗЕНИ ВО ЈУЖНА АФРИКА, И САД ГО ПОТВРДИЈА ПРВИОТ СЛУЧАЈВо Јужна Африка вчера имаше 8.561 нов случај на зараза, наспроти 1.275 пред една недела (Фото: АП)

    Јужноафриканските власти предупредија дека омикрон предизвикува загрижувачки пораст на бројот на заразени, додека уште неколку земји, меѓу кои и САД, го потврдија првиот случај на зараза со новиот сој на коронавирусот. Обединетите Арапски Емирати и Јужна Кореја исто така открија случаи на омикрон.

    „Во изминатите две недели е забележан експоненцијален пораст на бројот на новозаразени: од просечни 300 нови случаи на ден, до 1.000 минатата недела, што неодамна стигна до 3.500. Степенот на зголемувањето е загрижувачки“, изјави Мишел Грум од јужноафриканскиот Национален центар за заразни болести.

    Во Јужна Африка вчера имаше 8.561 нов случај на зараза, наспроти 1.275 пред една недела.

    И САД вчера го потврдија првиот случај на омикрон, кај целосно вакциниран патник кој се вратил во Калифорнија од Јужна Африка.

    „Знаевме дека е само прашање на време кога првиот случај на омикрон ќе биде детектиран во САД“, изјави водечкиот експерт за заразни болести Ентони Фаучи.

    Заразениот патник се вратил во САД на 22 ноември, развил благи симптоми и во понеделникот имал позитивен тест.

    „Благите симптоми кај овој пациент ја нагласуваат важноста на вакцинирањето“, изјави секретарот за здравство на Калифорнија, Марк Гали.

    Најмалку 23 држави го потврдија присуството на омикрон откако тој првпат бил идентификуван во Јужна Африка во почетокот на минатата недела, додека научниците и натаму се обидуваат да утврдат дали е поопасен од претходните варијанти.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира