„ОПЕНАИ“ НЕМА ДА ГО ОБЈАВИ СВОЈОТ НОВ МОДЕЛ НА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ОД БЕЗБЕДНОСНИ ПРИЧИНИ

    „ОПЕНАИ“ НЕМА ДА ГО ОБЈАВИ СВОЈОТ НОВ МОДЕЛ НА ВЕШТАЧКА ИНТЕЛИГЕНЦИЈА ОД БЕЗБЕДНОСНИ ПРИЧИНИКомпанијата на Сем Алтман изјави дека моделот бил резултат на години истражување и големи вложувања (Фото: ДПА)

    „ОпенАИ“ нема да го објави својот нов модел на вештачка интелигенција „ГПТ-6.1 Астра“ поради загриженост за безбедноста, потврди компанијата.

    „Системот со вештачка интелигенција, кој самостојно извршува задачи како пребарување на интернет и користење апликации, не ги исполни целосно стандардите на компанијата“, изјави Сачи Џаин, раководителката на одделот за безбедносни системи во „ОпенАИ“.

    Компанијата истовремено објави информации за инциденти што се случиле во јуни, но не биле обелоденети до минатата недела, при што нејзините модели неовластено пристапиле до веб-страници и системи на австралиската влада.

    Одлуката на „ОпенАИ“ претставува редок случај во кој голем развивач на вештачка интелигенција повлекува нова верзија поради загриженост за безбедноста.

    „Моделот не ги исполни очекувањата во однос на придржувањето кон опсегот и овластувањата, како и начинот на кој го известува корисникот за видот на извршената работа. Сакаме да се осигуриме дека развојот на нашите модели е безбеден, без разлика дали се работи за процесот во самата компанија или за моментот кога ги испорачуваме до корисниците. Кога ги пуштаме во употреба, поставуваме исклучително високи стандарди во поглед на безбедноста и усогласеноста“, изјави Џаин.

    Водечкиот агентски модел „ГПТ-6.1 Астра“ беше претставен во септември и е специјализиран за сложено заклучување и за самостојно извршување задачи. Од „ОпенАИ“ изјавија дека тој е резултат на години истражување и големи вложувања.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира