Членови на унгарската опозициска партија Моментум утринава истурија црвена боја пред канцеларијата на премиерот Виктор Орбан како протест против неговиот однос со Кремљ. Според Моментум, Орбан ги предал хероите од 1956 година.
Даниел Берг, потпретседателот на опозициската Алијанса на либерали и демократи за Европа, исто така, ја критикуваше надворешната политика на Орбан.
„Духот на 1956 година е за жал пожив денеска во Киев отколку во Будимпешта. Потклекнувањето на Виктор Орбан пред диктатори како Путин и Си Џинпинг, минирањето на Украина и НАТО, и оддалечувањето од Западот се срамота за сеќавањето на унгарските борци за слобода и спротивност на сè за што тие се бореа, крвавеа и загинаа“, вели Берг.
На денешен ден, во 1956 година, почна револуција во Унгарија со демонстрации против Сталинистичкиот режим, но востанието беше загушено 11 дена подоцна од советски тенкови. Притоа, загинаа околу 2.500 луѓе, а над 200.000 беа принудени да си заминат од Унгарија.