Опозициската Демократска партија, која припаѓа на десниот центар, изненадувачки победи на вчерашните парламентарни избори на Гренланд, кои се одржаа во сенката на заканите на Доналд Трамп дека ќе го преземе островот. Демократската партија, која се залага за постепено отцепување од Данска, освои околу 30% гласови.
„Гренланд бара од нас да бидеме обединети во време на голем интерес однадвор. Имаме потреба од единство и затоа ќе почнеме преговори со секого“, изјави лидерот на партијата Јенс Фредерик Нилсен.
Гренланд е под контрола на Данска околу 300 години, иако е оддалечен од неа речиси 3.000 километри. Копенхаген и натаму носи одлуки за надворешната и безбедносната политика во негово име.
Од шесте партии кои учествуваа на изборите, само Налерак вети дека брзо ќе распише референдум за независност, иако пет партии го поддржуваат отцепувањето, но со различен степен на итност. Демократската партија се смета за умерена по прашањето на независноста.
Демократите ќе мора да преговараат со други партии за да формираат коалиција. Налерак, која се залага за поблиски врски со САД, заврши на второто место.
Како никогаш досега, изборите на Гренланд се следеа со голем интерес во светот. Во својот говор во Конгресот минатата недела, Трамп порача дека ќе го земе Гренланд на овој или оној начин и го покани да им се придружи на САД, ветувајќи инвестиции од милијарди долари. Сепак, иако многумина жители на Гренланд поддржуваат посилна соработка со САД, идејата за преземање од Америка беше наголемо отфрлена.