Унгарија ќе преземе правни дејствија за елиминирање на невладините организации и медиумите кои примаат пари од САД и од други меѓународни извори, изјави премиерот Виктор Орбан.
Орбан, кој е сојузник на Доналд Трамп, ја поздрави одлуката за растурање на УСАИД, тврдејќи дека со помошта што ја дава се финансираат организации кои сакаат да соборат влади.
„Сега е моментот кога тие меѓународни мрежи треба да се уништат и да се збришат. Неопходно е нивното постоење да се направи законски невозможно“, изјави Орбан.
Под водство на Орбан, Унгарија со години врши задушување на невладините организации и независните медиуми, донесувајќи закони со кои се стигматизираат и попречуваат групите кои обезбедуваат заштита на човекови права и разоткриваат владина корупција. Таквите напори се засилија во 2023, кога владата ја формираше Канцеларијата за заштита на суверенитетот, која истражува организации и медиуми за кои се вели дека се под странско влијание. Критичарите го споредија ова со рускиот закон за странски агенти.
Орбан денеска кажа дека луѓето кои работат за организации финансирани од УСАИД би требало да се сметаат за агенти.
„Растурањето на агенцијата е како прочистувачки воздух. Сите пари кои доаѓаат од Америка треба да бидат објавени јавно, а тие кои ги примаат треба да бидат казнети. Не можете да примате пари однадвор за да влијаете врз унгарската политика“, кажа Орбан.