Сите 27 членки на Европската Унија се согласија со пакетот помош за Украина вреден 50 милијарди евра, објави претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.
„Имаме договор. Со него се обезбедува цврсто, долгорочно и предвидливо финансирање на Украина“, напиша Мишел на Икс.
Унгарскиот премиер Виктор Орбан го блокираше пакетот во декември, па европските лидери свикаа нов, вонреден самит за денеска. Орбан кажа дека сакал да ја натера ЕУ да ја преиспита својата политика кон Украина и ја доведе во прашање идејата за финансирање на Украина во следните четири години.
Новиот договор вклучува разговори за пакетот секоја година и опција да биде ревидиран за две години. Орбан предлагаше да се гласа за договорот секоја година, но се стравуваше дека на тој начин Унгарија би можела да става вето. ЕУ не сакаше да чека повеќе зашто се очекува Украина во март да остане без готовина за нормално извршување на државните функции.
„Ова е добар ден за Европа“, кажа претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски кажа дека им е благодарен на европските лидери, истакнувајќи дека договорот бил поддржан од сите 27 членки на ЕУ.
Парите ќе дојдат од буџетот на ЕУ, а планот предвидува покривање на потребите на Украина од 2024 до 2027 со заеми од 33 милијарди евра и со грантови од 17 милијарди евра.