Полицијата потврди дека пронашла вистински куршуми на сетот на вестерн филмот „Раст“ во Ново Мексико, каде што минатата недела Алек Болдвин смртно ја застрела снимателката Халина Хачинс и го повреди режисерот Џоел Соуза, но засега нема да бидат покренати криминални обвиненија против никого.
„Куршумот што ја уби Хачинс е пронајден во рамото на Соуза“, изјави шерифот на округот Санта Фе, Адам Мендоза, на првата прес-конференција по трагичниот инцидент во четвртокот.
Три лица ракувале со пиштолот и сите соработуваат со полицијата: Болдвин, асистентот на режисерот Дејвид Холс и оружарката Хана Гутиерес-Рид. Во моментот на инцидентот, Болдвин го држел пиштолот вперен кон камерата, при што од екипата му било кажано дека во него нема муниција и е безбеден за користење.
Полицијата кажа дека на сетот се пронајдени околу 500 куршуми, меѓу кои имало и вистински.
„Истрагата и натаму е во рана фаза, но некои факти се јасни: оружјето му било дадено на Болдвин. Оружјето било функционално и од него бил испукан вистински куршум. Остануваат прашањата за присуството на вистинската муниција на сетот. Треба да утврдиме како и зошто се нашла таму, зашто не требала да биде таму“, изјави Мендоза.
Окружната обвинителка Мери Кармак-Алтвис го опиша случајот како сложен и додаде дека засега не може да се каже дали станува збор за нечија небрежност.