Остатоците од големата кинеска ракета паднаа на Земјата во Индискиот океан, близу Малдиви, според кинеските државни медиуми, ставајќи крај на неколкудневните шпекулации каде ќе удрат. Најголем дел од остатоците од ракетата која неконтролирано се враќаше на Земјата согореа во атмосферата, велат кинеските медиуми.
Делови од 30-метарското јадро на ракетата „Лонг Марч 5Б“ влегоа назад во атмосферата во 4.24 часот по македонско време и паднаа на локација со географска должина од 72,74 степени источно и географска ширина од 2.65 степени северно, јавија кинеските медиуми.
НАСА ја критикуваше Кина поради недостиг на транспарентност околу паѓањето на ракетата, велејќи дека државите со вселенски програми имаат должност да ги минимизираат ризиците по луѓето и имотот на Земјата.
„Јасно е дека Кина не успева да ги исполни безбедносните стандарди во врски со вселенските остатоци“, вели функционерот на НАСА Бил Нелсон, кој е поранешен астронаут и сенатор.