Лидерот на руската опозиција Алексеј Навални беше осуден за проневера и доби условна затворска казна од пет години. Со пресудата, исто така, му е забрането да учествува на претседателските избори следната година како противкандидат на Владимир Путин.
Тој денеска повторно беше осуден, откако Европскиот суд за човекови права оцени дека првото судење не било фер.
Навални, кој е еден од најгласните критичари на рускиот претседател Путин, ги негира обвинувањата и вели дека случајот е политички мотивиран. 40-годишникот е познат по неговата кампања против корупцијата, која за цел ги има високите функционери блиски до Кремљ. Тој вели дека случајот против него е дел од напорите на властите да го тргнат од политичката сцена.
Навални е осуден за проневера на околу 500 илјади долари од државната дрвна индустрија „Кировлес“, додека работел како советник на гувернерот на областа Киров, Никита Белик.